Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против 40-годишна вработена во Центарот за социјална работа – Кавадарци која се товари дека сторила кривично дело – Фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од Кривичниот законик.

Во периодот од ноември 2020 до август годинава, како службено лице – член на стручен тим, при постапување со доверени предмети, обвинетата внесувала невистинити податоци во наодите и мислењата. Ваквите исправи ги потпишувала во име на останатите членови на стручниот тим, ги заверувала со службен печат и ги доставувала до директорот на Центарот за социјална работа за понатамошно постапување.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот суд Кавадарци му предложи да ја огласи обвинетата за виновна и да ѝ изрече алтернативна мерка – условна осуда со која ќе ѝ утврди казна затвор во траење од три месеци која нема да се изврши доколку обвинетата не стори ново кривично дело во рок од две години по правосилноста на пресудата.