Популарниот парк за кучиња во Монтреал го забрани лаењето на кучињата, а сопствениците би можеле да бидат казнети до 2.000 канадски долари или 1.375 евра за прекршокот.

Локалните жители беа шокирани кога видоа знак на паркот за кучиња на раскрсницата на булеварот Жан Талон и Прованса во населбата Сен Леонар во Монтреал дека нивните миленици не смеат да лаат. А ако го сторат, казната е од 500 до 2000 канадски долари.

„Премногу е, навистина е премногу. Знам дека кучињата што лаат ги плашат некои луѓе, но не е фер“, изјавила сопственичката на кучето, Мелани Ричер, за CTV News.

Портпаролот на општината Сен Леонард вели дека тие го презеле овој чекор за да ги намалат непријатностите што ги доживуваат луѓето што живеат во населбата каде што се наоѓа паркот за кучиња.

Минатата година, Градскиот совет на Атланта донесе нова уредба со која се казнуваат сопствениците на домашни миленици со 150 долари (139 евра) доколку нивното куче лае повеќе од 10 минути.