Министерството за образование и наука информира дека во тек е аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, за студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, но не успеале да се пријават и / или да го остварат ова право до сега. Оваа можност е достапна секој месец и тоа од 20 до 30, односно 31 во месецот.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документа – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

„Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата“, наведува МОН.

Досега, правото на субвенциониран студентски оброк го остварија над 27 илјади студенти на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.