„Се надевам дека Собранието ќе го разгледа на време Извештајот за 2022 година, со оглед дека со овој извештај, за 2021 година се доцни иако е готов уште во април 2022. Се надевам дека матичните комисии и Собранието навреме ќе го разгледа за да може да се реагира на претставките на Народниот правобранител“, изјави Народниот правобранител Насер Зибери на почетокот на седница на Собранието, пред отворање на расправата за Извештајот за 2021.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потсети дека доцнењето е пред сѐ поради доцнењето на Матичните комисии, како и блокадите на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Годишен извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2021 се наведува дека претставките на граѓаните се однесувале на обезбедување промена на документи за лична идентификација, остварување на правото на надоместок на помош и нега од друго лице, најголемиот број од претставките се однесувале на областа правосудство, од кои скоро една третина на работата на извршителите, бил зголемен бројот на примени претставки во областа детски правa и тоа во сите сегменти, посебно во делот на остварување на правото на образование, по воведувањето на новата концепција за основно образование која предвидуваше замена на хартиените со дигитални учебници, како и за проблемите со обезбедувањето на лични и образовни асистенти како поддршка на учениците со попреченост кои се инклузирани во општинските основни училишта.

Претставки се поднесувале и во областите здравствена заштита, недискриминација, пензиско и инвалидско осигурување, полициските постапувања. пренатрупаност во одделни затвори, посебно во затворените одделенија, со што автоматски условите за престој повторно станаа нехумани/супстандардни. Ситуацијата посебно е алармантна во затворениот дел на Казнено поправниот дом Идризово, особено во т.н. „амбуланта“ и крило седум. Голем проблем за осудените лица и понатаму е здравствената заштита, а не изостанаа и претставки од осудени лица кои се однесуваат на користењето на погодностите.

Од вкупно 3.075 предмети, примени/заведени во 2021 година, Народниот правобранител покренал постапка по 2085 или 67,80% претставки, по 655 или 21,30% претставки не покренал постапка.

Расправата за Извештајот на Народниот правобранител за 2021 на 71 седница во Собранието е во тек.

извор: Civilmedia.mk