Централната прослава за одбележувањето на денот на светите просветители Кирил и Методиј вчера се одржа во Охрид, а таму, иако поканети, не учествуваа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои го искористија и овој момент да создадат раздор во македонското општество организирајќи паралелна прослава во Битола.

На настанот во Охрид присуствуваа претставници од владиниот и државниот врв, од дипломатскиот кор, претставници од областа на политиката, образованието, науката, културата, како и од други општествени сфери. Централниот настан се одржа на Плаошник, каде што е основан и дејствувал првиот словенски универзитет, Охридската книжевна школа, чијшто основач е еден од учениците на Светите Браќа Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ дури и на овој ден не покажа чувство за државност и заедништво, па наместо тоа организираше своја партиска прослава. На овој начин Мицкоски и опозицијата покажаа дека нивните лични и партиски интереси се пред националните и државните.

Со ваквиот потег во вода паѓаат сите повици на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за единство, бидејќи очигледно партискиот рејтинг им е поважен од националното чествување на сесловенските просветители.

Оваа не е прво вакво однесување на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои во годините откако не се на власт ги избегнуваат сите државни прослави. Наместо на централните прослави за одбележување на Илинден, и организираат свои паралелни, партиски настани, каков што е примерот со Илинден, но и за чествувањето на најголемите македонски дејци како Гоце Делчев.