Куририте на Кривичен суд Скопје овие денови ќе чукнат на вратата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за да ја врачат пресудата од предметот „Талир 2“, пишува Civilmedia.mk.

Според одлуката на судот за овој предмет, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е осуден на 6 години затвор, додека Кирил Божиновски, како поранешен генерален секретар на партијата, доби условна казна од две години. Казните им се пресудени за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластувања со што со незаконско финансирање, на партијата, како на правно лице, ѝ обезбедиле имот и значителна финансиска корист во висина од 132.573.582 денари.

Во пресудата на судот е вклучена одлуката за конфискување на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, белиот дворец или палатата „Христо Татарчев“, како прибавена имотна корист од незаконското финансирање на партијата. Дополнително, уште десеттина партиски канцеларии и друг имот купени после тој период низ цела Македонија исто така се конфискувани со пресудата.

Оваа првостепена пресуда којашто беше изречена на 8 јуни оваа година, според извори во судот, се пишуваше малку подолго од вообичаеното, речиси 6 месеци, за да се каталогизираат сите одделни имоти кои се предмет на конфискација за кои се утврди дека биле купени по извршување на кривичното дело незаконско финансирање на партија, како резултат на тоа дејство.

Во пресудата, судијката Даниела Алексовска Стојановска, која го водеше „Талир 2“, при нејзиното изрекување на 8 јуни, наведе дека според член 541 став 5 од Законот за кривична постапка „правните дела склучени по извршувањето на кривичното дело, а со намера да се намали вредноста на имотот што е предмет на конфискација, се неважечки“.

Во образложението судијката Стојановска уште рече дека обвинетите, како одговорни лица од највисок ранг во политичката партија, се издигнале над законот и дека „теснопартиските и личните интереси биле водечки мотив за дејствијата кои во конретниот случај ги преземале првобвинетиот Никола Груевски како претседател и второобвинетиот Кирил Божиновски како генерален секретар на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин тие ги уривале темелните вредности на една правна и демократска држава. Со самата судска разрешница на овој предмет Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилегиран и секој ќе одговара за последиците кои ги предизвикал со прекршување на законот”.

Адвокатите на ВМРО-ДПМНЕ тогаш изјавија дека ќе ја обжалат одлуката со која се конфискува партискиот имот, оценувајќи го процесот како политички, а актуелниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, во интервју за БИРН, рече дека станува збор за речиси 90 проценти од имотот на партијата, a пресудата ја нарече „глупост“.

Откако странките во предметот ќе ја примат пресудата на Кривичниот суд, следува периодот на обжалување пред второстепениот Апелационен суд во Скопје, пишува Civilmedia.mk.