Температурата е незаменлив дел од сезонскиот грип, може да го „скрши“ целиот организам, па важно е што јадеме и пиеме кога имаме температура.

Нутриционистката Данијела Масловариќ препорачува пилешка супа.

– Оваа супа е одлична и ако детето освен температурата има и респираторна инфекција, помага да се разложи слузта во бронхиите. Може да ја врати во нормала крвната слика, кога се нарушени леукоцитите и неутрофилите, односно параметрите во леукоцитната формула – изјави нутриционистот.

Зборувајќи за препорачаните чаеви, Масловариќ вели дека тие се т.н дијафоретици, кои вклучуваат нане, камилица и маточина.

Како што објаснила, тие всушност прво ја креваат температурата, а со тоа го поттикнуваат потењето и го чистат телото од токсини и така температурата всушност паѓа.

Кога станува збор за тоа што не треба да се јаде во деновите кога телото се бори со температурата, таа наведува дека месото е меѓу првите на листата.

– Пилешкото и мисиркиното месо се даваат само доколку температурата не надминува 38 степени, поради оптоварување на дигестивниот тракт, како и поради тоа што месото може да ја зголеми внатрешната температура. Ако температурата надмине 38 Целзиусови степени, тогаш месото не се дава додека личноста која има температура не се консултира со лекар и додека не ја одобри – нагласува Масловариќ.

Таа предупредува дека треба да се избегнува секаква конзервирана храна, мрсна и сувомесната храна, стари и презрели сирења, односно сирење и тврди сирења кои содржат повеќе од 45 отсто млечни масти и кои можат да ги зголемат воспалителните процеси во организмот.

– Сите овие намирници го оптоваруваат дигестивниот тракт, дополнително го загреваат телото, односно ја креваат внатрешната температура поради специфичниот динамичен ефект на храната. Болките во телото дури се зголемуваат, а може да настанат и некои инфекции – заклучува нутриционистот.