Зголемувањето на владејачкото мнозинство во Собранието се очекува да им стави крај на надигрувањата за создавање кворум за работа во законодавниот дом. Изминатиов период јавноста сведочеше на одложување на неколку пленарни седници, па со приклучувањето на Алијанса за Албанците ќе се консолидираат редовите во коалицијата на власт, што ќе придонесе до функционално Собрание, пишува Фронтлајн. Спикерот Талат Џафери претходно истакна дека тој прави се во неговите можности за да создаде услови за работа, но дека нема одговорност во однос на партиско-политичката одлука на пратениците. Според него, обврска е на секој пратеник да биде на работно место без оглед дали е тоа мнозинството или опозицијата.

-Деловникот не вели дека има посебни права и обврски на мнозинството и посебни права на опозицијата, обврска е за секој пратеник да бдие на работно место и право да одлучува по односните прашања, а како ќе се однесуваат пратениците тоа си е веќе нивна одговорност, рече Џафери.

Во меѓувреме, се уште трае активната блокада на Собранието која ја започна ВМРО-ДПМНЕ, а од СДСМ обвинуваа дека токму опозицијата ја опструира работата на народните избраници. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески неодамна рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица постојано се во контакт и се договараат дали да ја напуштат салата во моментот кога ќе пребројат колку пратеници од мнозинството се присутни. Тој додаде дека пратениците од мнозинството не секогаш можат да бидат присутни во салата, со оглед на службените патувања, обврски, како и работа во собраниските комисии.

Со влезот на Алијанса за Албанците власта „ја победи активната блокада“ и сега ќе се овозможи предлог законските решенија да не висат на конец во зависност од волјата на опозициските пратеници.

На крајот на јануари, по подолг период Собранието успеа да одржа пленарна седница, а најзаслужен за обезбедувањето кворум беше Сурија Рашиди, од Алијанса за Албанците.

Извор : Frontline.mk