Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерот за одбрана Башким Хасани, во име на Владата, денеска положија цвеќе пред Споменикот на депортирани македонски Евреи, во поранешниот скопски Монопол и пред Споменикот на депортираните Евреи на Градските гробишта Бутел.

Со овој чин, Владата се приклучи во активностите по повод 79 годишнината од трагичниот настан на 11 март 1943 година, кога 7 илјади и 144 македонски Евреи беа депортирани и погубени во нацистичките логори на смртта во Полска.

Во пригодните обраќања пред спомен обележјата на Холокаустот, уште еднаш беа испратени пораките дека оваа трагедија ќе остане засекогаш запаметена, а сеќавањата на жртвите секогаш ќе повикуваат да не се заборави.