Регионот и Европа се соочуваат со најтешката зима по Втората светска војна во која за многу држави во неизвесност е ставено снабдувањето со електрична енергија и додека пак цената на основните прехранбени продукти драстично порасна. Сепак, ситуацијата во земјава е поинаква. Со активирањето на сите домашни капацитети за производство на струја, енергетската криза не падна на грбот на граѓаните, а навремените антикризни мерки ги намалија цените на храната.

Навременото интервенирање и одговрните политики овозможија државата да може да обезбеди 24 часа снабдување со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, како и топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Со активирањето на речиси сите домашни капацитети, Владата преку ЕСМ воспостави контрола врз енергетската криза и обезбедувањето независност оваа зима, а со субенционирањето на цената на струјата не дозволи енергетската криза да падне на грбот на граѓаните.

Во наредниов период ќе се ревидира цената на електричната енергија за регулираниот пазар, а според министерот за економија Крешник Бектеши враќањето на ДДВ за струјата на 10 отсто, нема да има негативно влијание на цената за домаќинствата. Тој најави дека во корекцијата на цената на електричната енергија ќе биде пресметано намалување на цената за дистрибуција на струјата.

Како дел од владината помош за граѓаните и обезбедување ликвидност на компаниите, Владата во антикризните мерки обезбеди и субвенционирана цена на струјата за компаниите од прехранбениот сектор. На овој начин се обезбедува достапност на храна за граѓаните и по пониски цени. Процесот на намалување на цените веќе започна и граѓаните веќе забележуваат и до 10 отсто пад на цените на одредени прехранбени производи.

За мерката за субвенционирана цена на електрична енергија пријавени беа над 230 компании, од каде се очекува намалување на цените, додека пак пазарните инспектори ќе вршат контроли на цените на храната со цел да се избегнат манипулации.

Но освен краткорочни мерки за справување со енергетската и економската криза, Владата се фокусира и на долгорочни мерки за енергетска транзиција и обезбедување поголема енергетска независност. Се поголем замав зема производството на струја од обновливи извори. Во моментов функционални се околу 80 мегавати фотоволтаични централи, бројка која се очекува да се искачи на 250 до април, скок од само 19 мегавати во 2019 година.

Северна Македонија успешно ја користи кризата и ја забрзува енергетската транзиција од фосилни горива на обновливи извори, со што ќе се обезбеди поголема енергетска независност во иднина и ќе се произведува чиста струја. На овој начин, земјава ќе биде поподготвена за справување со идни предизвици, истовремени грижејќи и работејќи на почиста околина.