Денеска по повод 9 Мај – Ден на победа над фашизмот и Ден на Европа, Владата на Република Северна Македонија организираше настан на кој со свое обраќање имаа првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за координација на политички прашања на ресорите и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, потпретседателот на Сојузот на борците, Наум Буревски, Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во земјава и вршителот на должност на амбасадата на Соединетите Американски Држави, Ерик Мајер.

Првиот вицепремиер Груби, по повод оваа многу важна годишнина, на Денот на Европа, на Денот на победата над фашизмот, повика на храброст, здружување и помирување и – „да создадеме европска иднина за нашите граѓани“.

„Сега се потребни повторно храбри лидери, потребен е процес на помирување за да станеме земја-членка на Европа. Во оваа Влада има лидери кои се подготвени да започнат процес на помирување и да донесат храбри одлуки за иднината на нашата земја, иднина како земја членка на НАТО, на Европа, ориентирана кон евро-американската заедница“, рече Груби.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека прославувањето на 9 Мај со нашите европски партнери и стратешки сојузници, потврдува дека европскиот пат на Северна Македонија е најдобриот начин за зачувување на оние вредности кои секогаш нè ставале на страната на правдата и победата.

„Оваа година го одбележуваме Денот на Европа како земја која преговара со ЕУ и имаме добра основа и право да сме мотивирани за да продолжиме понатаму. Со надминување на предизвиците, да дадеме шанса 2030 година да биде реалност за Северна Македонија. Наше е да останеме на овој пат, да ја реализираме идејата на нашите предци и да им ја пренесеме на нашите потомци. Да создаваме, напредуваме, да прифаќаме европски стандарди и да ги живееме европските вредности. Европа припаѓа на регионот и регионот припаѓа на Европа“, порача Маричиќ.

Наум Буревски, потпретседателот на Сојузот на борците истакна дека борците и нивните поддржувачи ја даваат поддршката на нашата држава кон меѓународниот легитимитет.

„Вековниот сон на борците се исполни, направија своја сопствена држава, а ние помладите генерации без разлика на партиската националност и верската припадност да ја чуваме, да го сочуваме мирот и да развиваме заедништво, еднакво да се бориме против подмолните рушачки апетити на денешната светска глобална политика“, рече Буревски.

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, во своето излагање порача дека патот за Северна Македонија кон ЕУ е отворен, а задачите што претстојат се јасни, и дека иако уставните измени се суверен избор, тој побара од политичарите да пристапат на ова прашање со отвореност и одговорност.

„Убеден сум дека со визија, обединетост и истрајност, Северна Македонија ќе може да си го зеземе своето место на земја членка на Европската Унија. Ние сакаме да сте дел од нас. Нашата визија е иднина заедно“, рече евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир.

Вршителот на должност на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Ерик Мајер се осврна на руската воена агресија врз Украина, поврзувајќи го со поразувачкиот фашизам е лага и тоа е според него е огромно искривување на историјата и е срамно непочитување на луѓето на кои денес им оддаваме почит.

„За жал, руското лидерство одлучи да продолжи по овој погрешен, незаконски, деструктивен пат. А Европа ќе продолжи да биде сигурна во својата одбрана на територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да одлучува за својата иднина во заедница на мирољубиви нации“, рече Мајер додавајќи дека одлучноста на оние што се бореа и на крај, го поразија фашизмот пред 78 години, беше катализаторот што создаде стабилна европска заедница, цврста НАТО алијанса и безбедност за стотици милиони луѓе, вклучително и двата милиони тука, во Северна Македонија.

Настанот се одржа во дворот на Владата на Република Северна Македонија, пред споменикот на Ослободителите на Скопје, на кој пред почетокот на свечената програма се положи цвеќе од страна на владина делегацијата, Сојузот на борците, дипломатскиот кор, претставници на Собранието, претставници на кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија и политичките партии.