На денешната прес конференција по повод новите законски измени за стратешки проекти од национално значење, вклучувајќи ги и Коридорите 8 и 10д, првиот вицепремиер Артан Груби соопшти дека цела влада и сите министри даваат недвосмислена поддршка за реализација на овие инфраструктурни проекти. Заедно со него на денешната прес конференција беа министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, за финансии Фатмир Бесими и заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин.

„Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата, имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза, поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата, Владата на денешната седница усвои пет предлог закони кој што ќе ги достави до пратениците во Собрание.

Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата на европските коридори, коридорот 8 и неговото геостратешко значење и заради дебатата која подолго време се води и во Собрание, во Влада и во јавноста, одлучивме законите да се предложат со европско знаме”, објасни првиот вицепремиер Груби и апелираше до пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти само заради дневна политичка агенда“, рече Груби. Како што појасни, тоа значи дека од измените на законите ќе зависи дали проектот ќе чини 1,3 милјарди евра или 1,5 милијарди евра.

Груби истакна дека договорот за коридорите е склучен согласно сегашните закони, но за да биде поефтин потребни се законските измени.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека нема време за калкулации, дали и кои патишта ни се потребни за да можеме да напредуваме економски и да им конкурираме на соседите и регионот.

-Или ќе бидеме крстосница и главна рута на Балканот, или обиколница, рече Бочварски.

Министерот за транспорт истакна дека по децении лобирање, конечно како влада успеале да го вметнат Коридорот 8 во мапата на главни европски коридот на Западен Балкан, Европа заедно со владата на Бугарија и Италија.

„Министерството за транспорт и врски направи измени во два суштински закони и тоа Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење.

Граѓаните имаат право да знаат дека овие законски измени не се однесуваат само за изградбата на Коридорите 8 и 10д. Тие се носат со цел да ги забрзаме сите постапки за изградба на патиштата, за железницата, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес. Овде спаѓаат и проектите финансирани со средства од ЕУ и од други финансиски институции, а посебно би ги нагласил магистралните гасоводи и железничката пруга кон Бугарија и Албанија. Нема заобиколување на постапките, нема скратување на фазите при градење. Со законските измени само ги забрзуваме процедурите и ги намалуваме роковите заради ефикасност и економичност во изградбата, рече Бочварски.

На прес конференцијата се обрати и министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој рече дека измените на законите се во насока на побрза реализација и пониски трошоци за овој стратешки проект, кој е од национален интерес.

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин потенцирајќи го значењето на изградбата на коридорите 8 и 10д, посочи дека се неопходни измени во Законот за работни односи.

„Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35% согласно Законот и колективниот договор. Секој работник доколку не сака нема да биде принуден со сила да работи прекувремено. Согласно законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор“, рече заменик-министерот Хусејин и додаде дека прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи, дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа.

извор Бриф