На корисниците што ќе се најдат во списокот со поддржани проекти им пожелувам успешна и отчетна реализација, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска ја одржа првата прес-конференција, на која ги соопшти резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во одделни области и активности од културата за 2022 година.

Резултатите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

Поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2022 година ќе се реализираат со буџет од милијарда педесет и три милиони денари, односно 66 милиони денари повеќе за оваа намена, од средствата што беа на располагање за проектите во 2021 година.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека оваа година конкурсот првпат бил реализиран преку електронска апликација за што биле одржани обуки во повеќе градови, било направено видеоупатство за правилно користење на апликацијата, видливо и транспарентно биле поставени условите за секоја дејност одделно на веб-страницата на Министерството, биле отворени телефони за консултација и техничка поддршка, како и електронски адреси во секоја дејност за прашања од корисниците.

Министерката за култура на прес-конференцијата информира дека во системот се евидентирани 3.769 валидни пријави, кои автоматски добиле архивски број, а по административната проверка на доставената документација, службите констатирале дека поголем број од пријавите, речиси две третини, се пополнети со технички пропусти.

„Од тие причини, а во интерес на корисниците, рокот за пријавување беше двапати продолжен. Тоа подразбира, како што беше и најавено, дека резултатите од конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до средината на февруари“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека со воведувањето на електронската апликација е направен огромен исчекор во градењето на системот и им се заблагодари на претходната министерка за култура, Ирена Стефоска, на стручните лица од Министерството и од Владата, како и на комисиите и на самите апликанти.

„На сите ова ни беше ново заедничко искуство, кое донесе нови предизвици од кои извлековме драгоцени сознанија како да го подобриме овој систем за заемно задоволство“, рече Костадиновска-Стојчевска.