Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска на скопскиот аеродром ги испрати фудбалерите и членовите на стручниот штаб на репрезентацијата на нашата земја кои во Порто, Португалија, ќе го играат вториот бараж меч за пласман на Светското првенство во Катар.

Премиерот Ковачевски со честитките до фудбалерите им оддаде и признание за сите успеси што ги постигна оваа генерација фудбалери.

„Ова што вие сте го направиле не е резултат само на некаква среќа, туку е резултат на голема работа и големо откажување. На многу работи од кои сте се откажале како млади за да постигнете ваши лични кариери за коишто ве почитуваат во целиот свет“, им порача премиерот Ковачевски на фудбалските репрезентативци во авионот пред летот за Порто.

Ковачевски уште нагласи дека како најсветлата точка за сите граѓани на државата, целиот народ е заедно со фудбалерите на патот на кој ги редат успесите и им посака со победа над Португалија да вбројат уште едно големо постигнување, и дека тие знаат, заедно со нивниот селектор Милевски знаат како најдобро да го направат тоа.

„Како Влада, она што најмалку можеме да го направиме е доколку се пласирате на светското првенство, ние ќе издвоиме награда од половина милион евра за играчите и за стручниот штаб. Тоа го заслужувате затоа што сите деца во државата, сите возрасни во државата, сите се спремаат за во вторник да ја прослават големата победа со која што македонската фудбалска репрезентација после настап на европското, ќе биде дел и од светското првенство“, порача премиерот Димитар Ковачевски и им рече дека тој останува да ги чека со добра вест и со дресот кој го доби како подарок.