Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер на терен со градежната инспекција „улови“ градилиште кое незаконски изведува градежни активности. Станува збор за градилиште на улицата 9 Мај, зад Универзалната сала кое утрото добило забрана за изведување градежни работи по што му била ставена жолта лента од градежен инспектор. Во видеото кое вчера вечер го постави градоначалникот Герасимовски може да се види дека тој затекнува искината жолта лента и повторно изведување градежни активности.

Во објавата на Герасимовски се вели дека на инвеститорот од вчера му е одреден законски рок за да го врати градилиштето во првобитна состојба и да продолжи да гради согласно издадената техничка документација.

Герасимовски уште во предизборната кампања неколку пати повторуваше дека нема да дозволи отстапки и прекршување на законите и неколкупати досега повтори дека стои на зборот. Во објавата тој повторно порачува „Во оваа држава постојат закони и тие важат за сите„!