Со издржани и навремени мерки го штитиме стандардот на граѓаните од ценовните шокови како последица на глобалната енергетска криза, истакна на денешната прес-конференција, Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.

Објасни дека во таа насока ограничени се маржите во трговијата на основните продукти на 10 отсто на мало и на пет отсто на трговијата на големо. Претходно, цените на овие производи беа замрзнати.

„Граѓаните да бидат спокојни, нема потреба од правење резерви. Основните производи и сите други артикли ги има и ќе ги има во доволна количина, а нивната цена нема да се зголеми драстично“, рече таа.

Според Георгиевска, нема потреба од паника, стокови резерви со храна и нафтени деривати има доволно, се следи внимателно ситацијата и доколку има потреба, државата ќе интервенира.

„Во моментот нема потреба од тоа имајќи предвид и дека производителите на овие основни производи имаат резерви за повеќе од еден месец не вклучувајќи ги деновите што може да се покријат преку државните резерви. Владата и институциите предводени од СДСМ во континуитет постојано преземаат конкретни мерки, кои го штитат и унапредуваат стандардот на граѓаните. Тоа е особено важно имајќи ги предвид глобалните кризи во делот на економијата и енергетиката“, нагласи таа.

Додаде дека Владата предводена од СДСМ им помага на домаќинствата и во справување со зголемувањето на цената на електричната енергија.

„Намалено е ДДВ за струјатата од 18 на 5 %, рестарирани се сите капацитети и нема увоз на скапа струја, државата ги субвенционира граѓаните, со што спречивме големо покачување на струјата. Речиси 7.500 семејства добиваат субвенции за сметките за електрична енергија, а се подготвува и нов пакет-мерки за помош на граѓаните и стопанството. Новонастанатата ситуација со војната во Украина и последиците од неа врз глобалната економија се следи внимателно и навремено се реагира, со издржани и реални мерки, и што е многу важно – врз основа на претходно направени анализи за ефектите и финансиските импликации“, вели таа.

Истакна дека Владата веќе подготвува обемен пакет за помош на граѓаните и економијата врз основа на анализи и тие издржани и реални мерки ќе се најдат набргу пред пратениците.

„Се надеваме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги блокира со лицитирање бројки, со паушални предлози, туку ќе ги поддржи затоа што тие ќе бидат од помош за граѓаните и домашната економија“, потенцира пратеничката од СДСМ.