– Во име на нашата заедничка определба за прогрес, се обраќам до сите граѓани:

Барам поддршка за нашата заедничка прогресивна иднина!, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

– Скопје – европски град. Скопје кое сплотува, Скопје ваше, наше, на сите. Скопје кое работи за тебе.

Северна Македонија – европска држава, достојна членка на НАТО, меѓу демократските држави во светот. Интегрирана, земја која испорачува мир, земја која е дел од отворениот прогресивен свет.

А ти Борче. Ти Јелена. Ти Вјоса…. Александар, Џеврие, Хисни – вие, ние – европски граѓани.

Можно е. Остварливо е. Неопходно е.

О – БЕ – ДИ – НУ – ВА – ЊЕ ! ! !

Секое време има свои предизвици, почитувани граѓани.

Тешки се компромисите кои ги правиме на дипломатските маси за напредокот на државата.

Не се лесни ни компромисите што секојдневно ги правиме со себе.

Но ова е време кое бара од нас одважност да се издигнеме над себе и личните очекувања – и кочниците коишто сите ќе не вратат назад, да ги претвориме во силата којашто ќе повлече напред.

Така е единствено можно личното добро, низ заедничкото добро.

На потешкиот начин извлековме повеќе поуки, дека, или ќе бидеме сите среќни, или нема среќа за никого.

Со еден чекор сме горе, на планината и ќе поставиме уште едно победничко знаме на слободата, напредокот и интеграциите.

Со еден чекор сме низбрдо: назад во 2016-та, а кој знае, може и во 2001-ва, во ризици, неизвесвесност, криза, изолазија.

Сигурно сте слушнале за последниот сантиметар до целта.

Ништо не е потешко од исчекорот на последниот сантиметар до целта, почитувани граѓани.

Сме изоделе макотрпен пат напред, со бројни препреки и дури и со закани и по живот.

На последниот сантиметар до врвот, кога успехот ни се чини на дофат, тогаш сме најкомотни.

И тука се појавува најголемиот ризик – дали од тоа невнимание ќе се лизнеме надолу.

Таа критична точка, нема да не лизне! Не. Таа точка од нас бара сомнежот и уморот да ги претвориме во сопствен ветар во грбот, во концентрација и волја, да го искачиме последниот сантиметар до успехот.

Ајде да бидеме паметни и да не дозволиме самите да си ставиме кочница на патот.

Кочниците кои ни ги поставуваат другите, дома или однадвор, се тешки, но знаеме дека не зависат само од нас и со нив се справуваме.

Но како ќе се справиме со себе, кога на 01-ви ноември би се разбудиле со сознанието дека самите себеси сме си поставиле кочници, на среќата на своето дете, на прогресивната иднина на својата земја. Дека Скопје, не ни го срушил земјотрес, туку дека од невнимание и разединетост сме дозволиле, преку Скопје, да не повлечат во провалија и да ни ја уништат и сегашноста и иднината.

Не давајте му го Скопје на оние кои веќе го унакажаа, го нагрдија и му ја одзедоа душата. Скопје не заслужува ново понижување, нови забегани експерименти и нови изживувања врз неговата урбана физиономија

Тоа нема да се случи бидејќи Скопје го заслужува најдоброто!

Слободоумните граѓани на Скопје знаат да одржат лекција, но знаат и кога им се потребни на својот град и на својата држава, ги знаат и своите одговорности.

Прогресивното граѓанство на 31-ви октомври ќе гласа за Прогрес – бидејки тоа е неговата, тоа е нашата лична идеологија – најдоброто за сите!, рече Заев на вечерашниот граѓански собир во Борис Трајковски.