Во Индексот на демократии на институтот Varieties of Democracy (V-Dem), за 2023 година Северна Македонија е и понатаму во групата земји кои направиле пресврт и од автократски режим се вратиле во категоријата демократски земји.

Индексот во оваа група, покрај Северна Македонија, категоризираше уште седум земји: Словенија, Боливија, Молдавија, Еквадор, Малдиви, Јужна Кореја и Замбија.

Во анализата за пресвртот во овие земји се вели дека станува збор за уникатни случаи на демократска издржливост и пресврт по период на суштинска автократизација во последните 20 години. Овие демократии успеаја да закрепнат по период на автократизација, да станат подемократски и да повратат во демократски стандарди голем дел од еродираното, пишува во извештајот на на В-Дем.

За Северна Македонија е запишано дека „тргна на пат кон автократизација во 2007 година за време на премиерот Никола Груевски. Со драстично намален простор за независни медиуми и граѓански организации, меѓу другото, Северна Македонија се спушти категориите земји во изборна автократија. По изборите во 2014 година, најголемата опозициска партија (Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, СДСМ) го бојкотираше парламентот. Во сојуз со граѓанските организации, тие поттикнаа народна мобилизација во 2015 година по обелоденувањето на масовната кампања за незаконско прислушување од страна на владата“.

Извештајот на В-Дем за индексот на демократии го нагласува и придонесот на ЕУ и САД кои„дополнително извршија притисок врз двете страни (власта и опозицијата) да ги продолжат преговорите што на крајот го отворија патот за трансфер на власта по изборите во 2016 година. После тоа, нивото на демократијата почна да се подобрува“, констатира извештајот на В-Дем.

Лекциите научени од овие осум случаи, пишува во извештајот, нагласуваат дека демократиите можат да отскокнат и не само да го спречат демократскиот распад штом ќе започне автократизацијата, туку и да направат демократско враќање од изборната автократија. Автократизацијата не е неповратен пат. Демократијата може да се врати назад.

Индексот на демократии на институтот В-Дем има единствен пристап кон концептуализирање и мерење на демократијата со мултидимензионална и разделена база на податоци што ја рефлектира сложеноста на концептот на демократијата како систем на владеење кој оди подалеку од едноставната излезност и резултати на избори. Проектот В-Дем прави разлика помеѓу пет принципи на демократија на високо ниво: изборен, либерален, партиципативен, делиберативен и егалитарен и собира податоци за мерење на овие принципи.

Извор: Racin.mk