Министерот за здравство Венко Филипче, смета дека училиштата не се ризик за здравјето на децата. Неделава има уште две деца кои се заболени, но нема информација колку ученици се во изолација поради контакт со нив. Дали учениците во Тетово и Гостивар ќе почнат во училиште или ќе се продолжи со онлајн настава, ќе се одлучува неделава.

„Протоколите во училиштата се направени по принципите како се одвиваат препораките за спречување на ширење на вирусот. Бројките кои ги имаме до сега покажуваат дека мал е бројот на ученици кои се заболени. Имаме до крајот на минатата недела ученици од четири скопски општини со мал број на контакти. Денеска имаме уште двајца ученици, еден од Велес и еден од Скопје кои се заболени. Навистина е мал бројот на деца кои се заболени. Ќе се евалуира состојбата во Тетово и Гостивар, за да се види дали ќе има намален број на заболени, дали треба продолжување на мерката“, рече Филипче.

Според Филипче, ситуацијата е под контрола.

„Намален е и бројот на прегледи од 140 на 90 прегледи. Намален е бројот и на хоспитализирани во Тетово. Ова укажува дека ситуацијата спласнува во овој момент и ова е добро. Засега не гледаме дека училиштата се ризик за здравјето на децата“, додаде Филипче.