Управата за извршување санкции е составен дел на Министерството за правда, но таа има огромна автономија во своето постапување, истакна министерот за правда Никола Тупанчевски во гостувањето во „Топ тема“, на одговорноста за прашањето за т.н. затворски туризам и популарноста на затворот во Струга кај новоосудените лица.

-Оваа норма со адресата практично секаде во свет е стандард или критериум за тоа како и каде осуденото лице ќе ја извршува казната. Тој стандард е инкорпориран кај нас, но ние сме мајстори на заобиколување на европскиот стандард. Проблемот е во тоа како е возможно некое лице за краток временски период да го промени своето живеалиште, а тоа е главниот критериум за тоа каде ќе се извршува казнаата. Она што всушност ние можеме да направиме е да се водиме година или две наназад од пресудата за тоа каде била адресата. Таков може да биде придонесот на Министерството за правда. Ќе се обидеме таа норма да ја направиме да биде ефикасна и ефективна, рече Тупанчевски.