„Сите се погодени од кризата. Но нашиот фокус беше на најранливите. Во комуникација со граѓанските организации кои работат во областа на социјалната заштита, останатите министерства, центрите за социјална работа, ги одредивме целните групи зошто во моментот се најранливи,“ истакна министерката Тренчевска во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24.

Во врска со пензиите, таа потсети дека пензионерите оваа година добија покачување на пензиите за 9.7%, и финансиска поддршка за месеците март април и мај од 3000 денари. Пензионерите со минимална пензија и пензија до 14.000 денари се вклучени во новиот пакет мерки. Тоа е финансиска помош од 6000 денари или 4 месеци по 1500 денари, за едната група и поддршка од 3000 денари или 4 месеци по 750 денари за втората група.

Околу прашањето за цената на партиципација која ја плаќаат родителите на децата во детските градинки, министерката истакна дека цената ја креираат Советите на општините, бидејќи општините се основачи на градинките, а препораката од страна на министерството е да ја разгледаат можноста за евентуално зголемување на висината на партиципацијата земајќи предвид растот на цените на производите и енергенсите. Притоа да биде направено на некој праведен начин, да има неколку скали, зависно приходите на родителите.

Министерството ги исплаќа платите на вработените во градинките и дел од материјалните трошоци, за се друго е надлежна општина. Во врска со платата во градинките министерката потврди дека рокот за исплата е прекршен, затоа што согласно новиот колективен договор тие ќе добијат зголемување за 15 % договор кој беше потпишан крајот на минатата недела. Се чекаат пресметките од страна на градинките, по што ќе бидат исплатени платите со зголемувањето од 15%.