Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, се сретна со претставници на СОС „Детско село“, на која се разговараше за активностите што се имплементираат во сферата на социјалната реформа, грижата за децата без родители и родителска грижа, за згрижувачките семејства, за поддршката на младите над 18 години. Таа посочи дека грижата за овие деца треба да биде континуирана и стручна за да може тие да излезат од системот на социјален ризик. Тренчевска информира дека набргу Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ ќе почнат кампања за промовирање на моделот на згрижувачко семејство.

„Пред нас е предизвикот за мобилизирање што поголем број згрижувачки семејства. Во таа насока набргу заедно со УНИЦЕФ ќе почнеме кампања за промовирање и зајакнување на згрижувачките семејства. Очекуваме со ваквата активност да се зголеми интересот на граѓаните што сакаат да станат згрижувачи на деца. Згрижувачките семејства на децата без родители и родителска грижа, со попреченост и на децата жртви на насилство се најдобриот начин на децата им се обезбеди грижа, љубов и посветеност“, рече Тренчевска.

Претставниците од СОС „Детско село“ ја поздравија намерата со кампања да се подигне интересот кај граѓаните за да станат згрижувачи на деца. Посочија дека еден од начините е да се унапредат законските решенија поврзани со алтернативната грижа за деца и млади. Со проектот „Унапредување на системот на социјална заштита и поддршка на процесот за деинституционализација“, невладината организација очекува системска поддршка за помош на младите по напуштањето на СОС „Детско село“.