Концептот на еднакви можности е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, што значи дека жените и мажите треба да имаат еднакви права и еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот. Ова е концептот со кој нашата земја беше и се уште е призната како лидер во регионот, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во обраќањето на 66. седница на Комисијата за статусот на жените во ОН во Њујорк.

Министерката Тренчевска во својот говор ги обележа достигнувањата и предизвиците во оваа област, за кои како што рече, се главна мотивација и фокус во понатамошното работење.

„Мора постојано да го имаме предвид фактот дека климатските промени не се родово неутрални и имаат силни родово базирани димензии. Сакам да го изразам моето огромно задоволство што нашата земја ја препозна важноста на ова прашање и стана една од првите во регионот што започна со вакви активности. Имено, почнавме како прва земја во регионот која номинираше родова фокална точка на UNFCC и за само 5 години лесно можеме да потврдиме дека се приближуваме кон постигнувањето на нашата прва цел, развој на родово одговорни акции за климатски промени и политики за родова еднаквост со климатска отпорност“, рече министерката Тренчевска.

Таа ја истакна силната решителност и поддршката за создавање поодржлива иднина за сите, што значи, преземање амбициозни климатски акции, препознавање и воведување на социјална правда и справување со родовата различност. Исто така посочи дека во рамките на тој процес Министерството за труд и социјална политика во тесна соработка со партнерите, систематски ги анализираше родово базираните разлики и ранливости во секторите поврзани со климата.

„Го започнавме процесот на градење на институционалните капацитети за вкрстување на родовата еднаквост и климатските промени, ги развивме македонските индикатори за родот и климатските промени во националните стратешки документи и ја воведовме климатските промени како посебна стратешка област во новата Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година. Исто така го воведовме и концептот на родова еднаквост во Долгорочната стратегија за климатска акција и Законот за климатска акција. Почнувајќи речиси од нула, денес можеме да кажеме дека успеавме да воспоставиме повеќе од солидна основа и засадивме дрвца за родова еднаквост за намалување на емисиите на стакленички гасови“, рече министерката Тренчевска.

Министерката Тренчевска изрази уверување дека Република Северна Македонија се согласува со изјавата на Европската Унија и најостро ја осудува воената агресија врз Украина, изразувајќи солидарност со украинскиот народ.​