Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска оствари средба со амбасадорот на Чешка во Македонија, Јарослав Лудва, на која разговараа за можностите за понатамошна соработка меѓу двете држави, особено со чешкото министерството во чија надлежност се трудот и социјалната политика.

Тренчевска истакна дека искуството на Чешка е од големо значење за нас, особено во делот на грижа за лица од ранливите групи, социјални услуги, социјално осигурување, политики за пазарот на труд и вработување, колективно договарање и социјален договор. Соговорниците се согласија дека соработката во овие области треба да се интезивира и продлабочи.

На средбата се разговараше и за евроинтегративниот процес на Македонија и напорите кои државата изминатите години ги прави со цел усогласување на домашното со европското законодавство, со цел влез во Европската Унија.

Амбасадорот Лудва ја потврди поддршката на Чешка за евроинтеграцијата на земјава и изрази надеж дека тоа ќе се случи наскоро, бидејќи земјата вистински се вложува.

„Република Чешка го презема претседавањето со Советот на ЕУ на 1 јули оваа година, се надевам дека почетокот на преговорите ќе се случи токму во овој период“, рече амбасадорот Лудва.

Тренчевска изрази благодарност за силната поддршка на Чешката Република за нашето членство во НАТО, како и за поддршката за приклучувањето на нашата држава во Европската Унија.

„Двете држави имаат одлична билатерална соработка и подготвени сме да ги продолжиме сите започнати процеси и да ја збогатиме соработката преку реализирање на заеднички проекти, размена на искуства и соработка“, рече Тренчевска.

Соговорниците изразија уверување за продолжување на воспоставената соработка помеѓу двете држави.