Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со амбасадорот на Франција Сирил Бoмгартнер. На средбата се разговараше за унапредување на родовата еднаквост и на пазарот на трудот за вклучување на што повеќе лица кое е планирано да се оствари преку соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и француската амбасада. Како и продолжување на претходната билатералната соработка со што се воспоставени пријателски односи. Даден е и предлог за потпишување на меморандум за соработка со Економско социјалниот совет и животна средина од Република Франција.

„Поддршката од француската амбасада е од исклучителна важност за нас. Соработката со Економско-социјалниот совет на Франција и разменувањето на позитивни искуства ќе придонесе до унапредување на социјалните политики и на двете земји. Делот на родовата еднаквост во кој е и моето долгогодишно искуство ми претставува особено задоволство, каде акцентот ќе биде ставен на руралните жени и воспоставување на што поголема родова еднаквост на раководните функции“, рече Тренчевска.

Министерката истакна дека Министерството за труд и социјална политика има голем опфат на сиромашните и маргинализирани групи на граѓани и успешно се справува со предизвиците. Воспоставениот систем за социјална заштита е така поставен што може да ги апсорбира сите потреби и барања во државата.

„Во нашата држава имаме воспоставено Економско-социјален совет во кој состав влегуваат сите компетентни министерства, репрезентативните синдикати и работодавачи. Трипартитниот пристап е од особена важност при носењето на политики и мерки кои ги засегаат вработените, работодавачите и лицата, коишто се вклучени на пазарот на трудот. Како министерство работиме на новиот Закон за работни односи во кој ќе има новитети кои ќе ги унапредуваат правата на граѓаните. Исто така е во процес на подготовка и Законот за родова еднаквост“, дополни Тренчевска.

Министерката истакна дека преку ЕСС е донесена и минималната плата од 18 000 денари. Целта е да се воспостави систем на плати и Методологија на раст на платите.

Двете страни искажаа особена благодарност за соработката којашто продолжува и во наредниот период.