Економскиот професор Трајко Славевски во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека просветните работници и останатите вработени во јавниот сектор со право бараат поголеми плати со самата спирала која ја поттикнала власта со зголемувањето на минималецот.

– Власта вчера по првите 100 дена се пофали со историско зголемување на минималната плата, а се противат на усогласување на сите останати плати. Тогаш постои причина за загриженост

Тие (штрајкувачите) не се виновни, ако вие се расфрлате со пари во семејството, барањето на вашите деца секогаш ќе бидат повисоки. Државата беше таа што го започна тој незапирлив синџир на расфрлање пари и гол популизам, што е мавање по сопствената глава со камен.

Пред три години го кажав тоа со апел да не се игра со односите минимална плата – просечна плата, затоа што ќе дојде до ова. Иако, никој не е против за зголемување на минималната плата и јавно го поддржувам ова на просветните работници, рече високиот член на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Советот на Град Скопје дополнително рече дека кај претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ немало голема динамика на зголемување на платите за наставниците затоа што тогаш немало инфлација на цените.

– Инфлацијата е загрижувачка и не се согласувам дека се сведува на увезени фактори. Има и домашна инфлација. Како цените на услугите и градежните активности. Таму инфлацијата не е 10 отсто, туку отидено е до 50 проценти. А тоа не е резултат само на увезени работи, туку како резултат на политиките на оваа Влада, наведе Славевски.

Тој ја повика власта уште сега да склучи енергетски договори за следната грејна сезона.

– Власта бега од непопуларни мерки. Сите западни земји зборуваат за идната зима, а ние се радуваме што помина последната. Има најави од Британија дека следната година ќе биде брутална. Имаме ли договори за набавка за електрична енергија и природен гас за другата година? Немаме. Власта е помалку одговорна од еден просечен домаќин, кој уште сега склучува договор за набавка на дрва за следната грејна сезона, рече Славевски.