Руските ракетни напади во близина на полската граница покажуваат колку малку не дели од влезот на НАТО во конфликтот, пишуваат германските медиуми. Сепак, развојот на бојното поле во Украина сугерира дека наскоро би можело да се постигне некаков договор, пренесува „Дојче веле“.

Во неделата руската армија истрела повеќе од триесет проектили на воениот полигон Јаворив недалеку од Лавов – само дваесет километри од полската граница. Според украински извори, најмалку 35 лица загинале, а 134 се ранети.

Руска провокација
Според Москва, во нападот биле убиени „до 180 странски платеници“. Порано полигонот се користел за воени вежби на украинската армија со членките на НАТО, а инструктори на НАТО и САД таму ги обучувале украинските војници.

– Доколку Москва, како што е најавено, цели на испорака на оружје од Запад, тогаш може да има нови напади во близина на источната граница на НАТО – пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

-Не треба да паѓате на таа провокација, но не треба ниту да бидете заплашени. Колку повеќе напредува војната, толку е поголема веројатноста дека руските трупи ќе го нападнат и западниот дел на земјата.

Имајќи ги предвид актуелните воени проблеми и силата на НАТО, дури и за опасен воен лидер како Путин, тешко би било веројатно да влезе во конфронтација со НАТО сега. Западот треба да се држи до својата стратегија: Видлива и кредибилна безбедност на источното крило, проследена со индиректна поддршка за Украина – оценува франкфуртскиот весник.

Пораките на Путин
Според коментаторот на Ludwigsburger Kreiszeitung, Путин со нападите кај Лавов испраќа пораки во неколку правци.

– Им порачува на Украинците дека не се безбедни ниту на западот на земјата. Но, тоа е и порака до НАТО, бидејќи странските инструктори и набљудувачи наводно биле на терен. Путин не е подготвен да толерира странска воена помош за Украина, а со нападот се заканува дека ќе ја прекине испораката на оружје за властите во Киев.

Ракетирањето на полската граница покажува „дека Западот се движи по тенка жица“, пишува весникот „Штутгартер Нахрихтен“.

– Јасно е дека НАТО би морал да реагира на евентуален руски напад врз Полска, а со тоа и врз сопствената територија. Но, доколку НАТО гарантира забрана за летање над Украина, ќе биде обврзан да пука во руски борбени авиони. Така, светската војна не би била прашање на километри, туку часови.

Неочекувана шанса за Зеленски
Мителдојче цајтунг смета дека стратешките грешки на Кремљ се потценување на подготвеноста на Украина да се спротивстави и преценување на проруските чувства во земјата. Од санкции страда и руското население.

– Ова е неочекувана шанса за украинскиот претседател Зеленски. Кремљ сè уште смета на воена победа. Украина, од друга страна, може само да се надева на решение на преговарачката маса – дотогаш мора да се спротивстави на нападите, знае Зеленски.

Време е да се „изгради мост“ до Путин, пишува „Südwest Presse“.

– Не од сочувство кон Путин, туку што побрзо да се стави крај на страдањата во Украина. Мостот не би ги заменил санкциите, туку би им бил додаден – пишува весникот.

Тоа би можело да изгледа вака: „Ги стегаме уздите, но ги олабавуваме доколку Путин дојде на преговарачка маса. Западот мора да дејствува, а не само да реагира на Путин“, пишува Дојче веле.