Џосара Џинаро, ѕвездата од хит-серијата „Ургентен центар“ почина на 48-годишна возраст.

Познатата актерка, режисерка и продуцентка ја загуби битката со ракот, а тажната вест ја потврди и нејзиниот сопруг Мет Богад на нејзиниот официјален фејсбук-профил.

„Со голема тага објавувам дека на 27 април почина мојата сопруга Џосара Џинаро. Храбро се бореше со ракот и се врати дома да биде опкружена со семејството. Беше неверојатна жена, мајка, уметница и пријателка. Имаше најубава душа и не прифаќаше НЕ за одговор. Дури и во последните моменти, се’ уште се бореше. Таа сега почива во мир и засекогаш ќе ја паметиме. Многу ќе ни недостига, иако знам дека е во нашите срца и дека ќе не’ следи на секој чекор“, стои во емотивната посвета.

Џинаро имаше долгогодишна кариера во Холивуд играјќи во повеќе филмови и хит-серии. Родена е во Рио де Жанеиро, а пораснала во Колумбија како посвоена ќерка на дипломати. Кога нејзиниот очув бил киднапиран, семејството се преселило во САД.

На свои 16 години заминала во Чикаго каде потпишала договор со својот прв агент. Талентот веднаш бил препознаен, па бргу се преселила во Лос Анџелес каде ја добила својата прва позабележителна улога во популарниот ситком „Вива Вегас“.