Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со заменик генералниот директор за безбедност на Директоратот на Европската Комисија за миграција и внатрешни работи, Оливер Ониди, заедно со претставници од Европската Комисија. Министерот Спасовски посакувајќи им добредојде на делегацијата од ЕК, изрази задоволство за можноста заеднички да разговараат за теми што ќе придонесат за унапредување на соработката.

„Ќе ја искористам оваа прилика да се заблагодарам за посветеноста и ангажманот на Европската Комисија насочен кон побрзо интегрирање на Западен Балкан во Европската Унија. Длабоко сум убеден дека преку исполнувањето на приоритетите зацртани во Акцискиот план ќе обезбедиме подобро управување со миграциските текови и поуспешна борба против организираниот криминал. Од друга страна, нашата заедничка соработка придонесува кон јакнење на нашите национални капацитети, но и кон имплементирање на европските стандарди во борбата против организираниот криминал и миграцијата. Имаме добра основа, но и политичка волја и капацитет тоа да го направиме. Во суштина, со Акцискиот план ја отвораме вратата на поинтензивна соработка со Европската Унија, заснована на партнерски однос и меѓусебно почитување”, рече Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека приоритетите на Европската Унија содржани во Акцискиот план се препознаени и како национални приоритети, чие менаџирање е дефинирано и во националните стратегии. „На пример, тука би ја споменал Националната стратегија за интегрирано гранично управување, чија главна цел е натамошно развивање на националниот систем за интегрирано гранично управување во согласност со Европскиот концепт за гранично управување. Потоа, Националната стратегија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Резолуцијата за миграциска политика, кои како документи јасно ја изразуваат посветеноста на нашата држава во поглед на мапирањето на клучните предизвици кои произлегуваат од овие области, како и соодветен одговор за секој од нив”, истакна министерот Спасовски.Во областа на миграциите и надворешните граници како најзначаен исчекор кој ја обележи 2022 година, министерот Спасовски го истакна потпишувањето на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.

„Длабоко сум убеден дека имплементацијата на овој Договор, како и на соодветните договори со другите земји од Западен Балкан ќе придонесат кон посигурни граници и поголема безбедност за целиот регион. Во тој контекст, ја поздравувам мерката содржана во ЕУ Акцискиот план за Западен Балкан, во делот на јакнење на капацитетите на граничното управување вдолж рутата, со која се предвидува зајакнување на заедничките операции со ФРОНТЕКС и нивно распоредување на надворешната граница на ЕУ со земјите од Западен Балкан”, потенцираше министерот Спасовски, при што сподели статистички податоци за илегалните преминувањa вдолж Западно-балканската рута, како поткрепа за неопходните мерки.

На средбата беше истакната и воспоставената соработка со Агенцијата за азил на Европската Унија, со која беше развиен Патоказот за соработка за периодот 2020-2022. На крајот од средбата министерот Спасовски изрази благодарност до Европската Унија за континуираната поддршка за зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, а особено на Граничната полиција, преку обезбедување на советодавна помош, обуки, како и преку набавка на возила и специјализирана опрема за зајакнување на граничниот надзор, со уверување дека Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да бидат активен дел од широкиот фронт заедно со сите соседи и земји партнери, а особено со ЕУ институциите, како стратешки партнер во исполнување на заедничките приоритети.