Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Мирослав Томан, амбасадор на Чешката Република во нашата држава.

На состанокот се изразени честитки за наградата за мир што ја доби премиерот Заев, како нешто што е оценето за добро заслужено поради функционалните политики на дијалог во насока на изнаоѓањето решенија и општото добро.

Нагласена е поддршката од Чешката Република за евроинтеграциите на нашата држава и отворањето на преговорите од ЕУ, со порака дека Република Северна Македонија има пријател во Чешката Република. На средбата е соопштено дека Западен Балкан е еден од најголемите приоритети на коишто се фокусира Чешката Република во поглед на европерспективите и дека ќе продолжи да дејствува во тој правец уште поактивно при претседавањето со ЕУ, кое што следува по словенечкото претседателство.

Премиерот Заев се заблагодари за честитките и за поддршката од Чешката Република како докажан, традиционален партнер на Република Северна Македонија, што се покажа и преку споделените и мотивирачки искуства преку Вишеградската група во делот на европерспективите и преку билатералните односи, коишто, како што констатираше премиерот Заев, последниов период бележат и видлив развој.

„Од големо значење за нас е пријателството со Чешката Република како докажан партнер на нашата држава, на полето на евроинтеграциите и во сите области од значење на граѓаните и ќе продолжиме да придонесуваме во развојот на односите меѓу двете земји. Владата е посветена на европеизација на државата и ќе продолжиме со настојувањето на изнаоѓање решенија низ политиките на разбирање и принципиелен дијалог, за нашиот натамошен напредок во европерспективите. Во меѓувреме ја развивме иницијативата „Отворен Балкан“, како чекор плус на Берлинскиот процес, со цел поактивна регионална соработка во полза на подигнување на квалитетот на живот на граѓаните, а и од помош на политичко ниво, исклучиво во функција на европерспективите коишто немаат алтернатива“, рече премиерот Заев.

На средбата заеднички е констатирано дека пример за унапредувањето на билатералните односи меѓу двете држави се поддршката од Чешката Република на јужната граница на Република Северна Македонија, за време на бегалската криза и до денес, за покажаната солидарност со донираните вакцини за време на пандемијата, за донациите во делот на соработката со МВР и со Министерството за одбрана. При тоа е изразена согласност за важноста од потпишувањето на трилатералниот Меморандум за разбирање и техничка соработка помеѓу МВР, МО и чешкото Министерство за одбрана. Исто така, посочено е на зголемувањето на трговијата меѓу државите во изминатава година, како и на отворените можности за унапредување на соработката во областа на земјоделството.