Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Џајлз Норман, амбасадор на Канада за нашата држава.

Заеднички е оценето дека пријателството помеѓу Северна Македонија и Канада е искрено и цврсто и во таа насока продолжува да се развива, со активна соработка меѓу двете држави и како полноправни членки на НАТО.

Изразени се честитки до премиерот Ковачевски за стапувањето на должноста и е соопштено дека се видливи заложбите на Владата за справување со последиците од светската криза, како што е вчера усвоениот пакет економски мерки.

Исто така, пренесено е дека се почитуваат политиките и брзите реакции на Република Северна Македонија во однос на ситуацијата во Украина, а коишто се на линија на политиките на НАТО.

Премиерот Ковачевски рече дека за нашата држава Канада е вистински пријател и оцени дека постојат можности за унапредување на соработката во делот на инвестициите.

Во однос на ситуацијата во Украина, премиерот Ковачевски нагласи дека политиките на Владата се и ќе бидат на линија на позициите на стратешките партнери на Република Северна Македонија, НАТО и на Европската Унија.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Владата, на домашен план, е посветена на изнаоѓање решенија за заштита на животниот стандард на граѓаните и за поддршка на компаниите со цел надминување на тековните економски и енергетски предизвици, како и дека останува посветеноста за членство во ЕУ, во рамки на коишто заложби се и разговорите со Република Бугарија, коишто се поставени на ниво на меѓусебно почитување.

На средбата е констатирано дека иницијативата Отворен Балкан дава резултати преку поедноставени процедури на функционирање во повеќе области. При тоа е нагласено дека местото на Република Северна Македонија, како и на земјите од регионот е во Европската Унија, како и дека е тоа од важност и за Унијата и нејзината стабилност.