Северна Македонија и Косово се соседи кои покажуваат интерес за меѓусебна поддршка и за обезбедување на повеќе и подобри образовни и научни можности за граѓаните. Тоа е добра основа за напредок и на нашите општества и воопшто на регионот, затоа што, во суштина иднината на регионот најмногу зависи од меѓусебната соработка, а и двете земји, иднината ја гледаме како членки на европското семејство. Така што, нашата денешна средба ќе ги интензивира заложбите за остварување на овој наш заеднички стремеж.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска која заедно со заменик министерот Арафат Шабани денеска остварија работна средба со делегација од косовското министерство за образование и наука предводена од министерката Арберија Нагавци.

„Генерално и двете страни изразивме задоволство од досегашната соработка во областа на образованието и се заложуваме за истата да се интензивира преку усвојување на нова програма, која ќе овозможи поставување на повеќе релации во различни сегменти како основното, средното и високото образование, науката и истражувањата и заедничките настапи на меѓународниот образовен простор“, рече Царовска.

За време на средбата, Царовска ги сподели позитивните искуства од спроведувањето на онлајн наставата во изминатата учебна година, а информираше и за начинот на кој започна и се реализира и во тековната година. Дополнително, стана збор и за реформата на основното образование која започна да се имплементира етапно од септември, а членовите на косовската делегација особено изразија интерес за искуството со дигиталните учебници и начинот на нивната примена.

Заменик министерот Шабани пак, истакна дека и двете земји се согласни дека образованието, науката и иновациите се најсилните алатки кои можат да ги придвижат земјите напред на меѓународен план и оттука секоја размена на идеи, искуства и нови знаења и достигнувања е добредојдена.

Косовската министерка за образование и наука, Нагавци изрази задоволство од иницијативата за организирање на средбата и како што рече, Косово ќе направи дополнителни напори за повеќе и поголеми релации помеѓу образовните институции, наставниците, професорите, студентите и учениците од двете земји. Се осврна на процесот на дигитализација на образованието и образовните услуги, за кои потенцираше дека претставуваат важен предизвик и за косовската Влада и за министерството со кое раководи.