Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес имаше средба со Н.Е. Ангела П. Агелер, новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија.

На средбата, која е прва взаемна по стапувањето на функцијата на амбасадорка на САД, претседателот Џафери изрази убедување дека Н.Е. Агелер во текот на нејзиниот мандат, ќе даде значаен придонес во понатамошното унапредување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и САД, како стратешки партнери. Џафери, поздравувајќи ја одлуката на САД за зголемување на вниманието врз регионот, се заблагодари и на поддршката што Соединетите американски држави, како наш значаен партнер, ја даваат во континуитет во различни области. Тој се заложи и за динамизирање на средбите и размена на меѓусебните искуства на парламентарно ниво.

Амбасадорката Агелер, од своја страна, истакна дека Соединетите американски држави се свесни за досегашните тешки одлуки донесени од земјата, и се запознаени со идните предизвици што треба да се надминат за реализирање на интеграцискиот процес во Европската унија. Во таа насока, таа изрази уверување дека САД ќе продолжат со поддршка и активно давање на својот придонес. Таа го поздрави ангажманот на Северна Македонија, како членка во НАТО, во однос на постојната ситуација со Украина, каде што нашата земја дава свој придонес во безбедносен и хуманитарен аспект.