МИА дојде до нацрт заклучоците на Советот за општи работи кои во последен момент би можеле да претрпат промени, но специфично за Северна Македонија, Советот го поздравува реформскиот напредок на земјата кој овозможи зелено светло за преговори во март 2020 година и се поздравува одржувањето на локалните избори и напредокот во владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Напредок се нотира и во реформата на јавната администрација иако се потребни дополнителни напори. Се поздравува реформата на безбедносните и разузнавачките служби согласно барањата на НАТО.

Изминатиов период на ова поле УБК беше одвоена од МВР, беше формирана Оперативната техничка агенција, а беше донесен и нов Закон за Агенцијата за разузнавање. Дури и во периоди на пандемија и буџетски кратења беа уздвоени буџетски ресурси кои ќе ги покријат потребите на безбедносните служби.

Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

Пред две години формирањето на Агенцијата за национална безбедност претставуваше исчекор и важен политички момент за државата, кога Агенцијата беше формирана како самостоен, но законски строго регулиран дел од безбедносниот систем, наместо дотогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР.

Ваквата реформа на безбедносно-разузнавачките служби, која беше нужност согласно препораките од Извештајот на Рајнхард Прибе, овозможи формирање агенција по сите европски и НАТО стандарди.

-Во согласност со препораките на групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото, цивилен надзор треба да се обезбеди над безбедносен/разузнавачки сектор бидејќи тоа исто така ќе има позитивно влијание врз ублажување на јавната недоверба во разузнавачките институции. Сите релевантни закони треба да бидат брзо спроведени, во соработка со НАТО и стратешките партнери, се вели во последниот извештај на Европската комисија.

Во меѓувреме се формира и ново тело како Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.