Спасовски во интервју за CENTAR.mk за дојавите за бомби потенцира дека ваквиот тип на дејствување се оценува како класичен хибриден напад, глобален проблем од кој ни Македонија не е исклучок.

– Секој од нас може да утврди дека целта на овие напади е да се таргетираат и онеспособат политичките институции, да се влијае на јавното мислење, да се поткопа безбедноста на граѓаните, да се дестабилизира, да се исцрпуваат безбедносни ресурси, да се внесе немир во нашите живот, додава Спасовски во саботното интервју за Centar.mk.

Според него Причините за ваквите монструозни дела можат да бидат различни – за геостратешки или бизнис цели, но МВР работи со сиот свој потенцијал, заедно со нашите меѓународни партнери, на откривање на сторителите, уверува министерот за внатрешни работи.

– Ја анализираме секоја трага, информација или индиција сѐ до моментот кога ќе бидат пронајдени вистинските извршители на овој чин. Екипите за антитероризам после секоја пријава ги евакуираат учениците и детално ги прегледуваат сите училишта според веќе утврдените протоколи сѐ додека не се потврди дека се станува збор за лажни дојави, подвлече Спасовски.

– Она што засега можам да кажам е дека истрагата трае, познати се мејловите , од каде се пратени, се знаат точните податоци, при што се работи интензивно, заедно со партнерските служби, сè со цел да се дојде до вистинскиот сторител на едно вакво дело. Притоа сите капацитети кои стојат на располагање, човечки и материјално-технички се ставени во функција на државата и сите капацитети на партнерите на Република Северна Македонија се ставени на располагање, вели Спасовски во интервјуто за Centar.mk.