Вечерва, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски гостуваше во кумановската ТВ ПЛУС, при што запрашан за значењето на инвестицијата на европскиот бренд ЛИДЛ во Општина Куманово, истакна дека станува збор за важна инвестиција за Куманово, а во текот на вчерашниот ден премиерот Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Битиќи остварија средба во Владата со претставници на ЛИДЛ.

„Логистичкиот центар на ЛИДЛ во Куманово ќе биде на земјиште од 200.000 м2 во индустриската зона, со инвестиција во вредност од околу 80 милиони евра, со намера да се обезбедат повеќе од 150 работни места на територијата на Општина Куманово”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека ова оди во прилог на рамномерниот регионален развој.

„Ова е проект кој се работи поодамна, кога првично се разговараше, тогаш стана збор една од инвестициите да биде во Куманово, нешто на што сум особено горд. Важно е ваквите инвестиции да бидат територијално распоредени, не само во Скопје, туку и во другите градови”, рече Спасовски.

Според него, ова е одличен показател дека странските компании ја препознаваат земјава како поволна дестинација за инвестиции, привлечна и за други странски компании кои би го следеле примерот на „Лидл“.

„Ние само во кумановскиот регион вложивме над 121 милион евра во инфраструктура и тие вложувања раѓаат со плод, вложувања од страна на Владата. Мене ми е чест што како дел од оваа Влада, а и кога ја предводев Владата, ние вложивме во патната и комуналната инфраструктура, но определивме и финансиски средства за индустриската зона Новини”, истакна министерот Спасовски, при што додаде дека тоа создаде можности за да има каде да се инвестира.

„’Лидл’ истражува начини за поддршка на локалните производители, што е многу важно – да се откупуваат, извезуваат и пласираат нашите македонски производи во соседните земји каде што ЛИДЛ има маркети”, истакна министерот Спасовски, при што додаде дека ова е сосема спротивен пристап од времето на претходната власт, кога Куманово го бришеа од картата.

„Тој спротивен став кој ние го застапуваме, а еве ги резултатите кои се базираат на плански регионален развој”, заврши министерот Спасовски.