„Од самиот почеток на кризата до денес има група на луѓе кои бараат начин како да не ги почитуваат одлуките за заштита од коронавирусот. Тие се секогаш со теории на заговор и непочитување на правила и закони, неводејќи сметка дека си наштетуваат себеси, на своето семејство и на опкружувањето“ кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето на емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5.

Тој додаде дека има пријави за злоупотреби и фалсификување на вакциналните сертификати и дека МВР работи на расчистување на овие случаи. Како што напомена Спасовски, по вакви предмети се постапувало и за лажни ПЦР тестови за кои веќе има и поднесени кривични пријави.

„Одговорноста треба да биде на сите нас, да ги почитуваме мерките за да се заштитиме. Се друго што се прави е загрозување на здравјето. Почитувањето на мерките ќе даде резултат во спречување на ширењето на вирусот“ потенцираше Спасовски.

Тој кажа дека МВР работи заедно со Државниот пазарен инспекторат на терен за контрола на почитувањето на мерките и повтори дека тие се почитуваат во најголем дел од државата и локалите.

Спасовски упати и апел до граѓаните да се вакцинираат во што е можно поголем број, бидејќи статистиките укажуваат дека најкревки и најзагрозени од вирусот се токму невакцинираните граѓани.