Воспоставивме модерни стандарди и создадовме полиција која денеска е вистински сервис на граѓаните, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната свечена манифестација по повод 7-ми мај, Денот на македонската полиција којшто се одржа во Делчево.

„Тргнувајќи од фундаменталната премиса на секое демократско општество – дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, независно на нивните лични определби и ставови, ние воспоставивме модерни стандарди кои што целосно ќе ја реализираат клучната позиција на институцијата, а тоа е полиција – сервис на граѓаните на Република Северна Македонија.“ рече Спасовски.

Министерот Спасовски додаде дека македонската полиција денеска е сервис и партнер на граѓаните но и респектабилен партнер на надворешен план, со активни ангажмани на многу меѓународни иницијативи и проекти.

„Следејќи го доследно пулсот на времето, на регионалните и глобалните политички и безбедносни трендови, но и потребите и очекувањата на граѓаните, од сегашна преспектива можеме слободно да заклучиме дека Министерството за внатрешни работи, сите негови организациони единици веќе се етаблираат не само како сервис и партнер на граѓаните, туку и како респектабилен партнер на надворешен план, активно ангажирани во мноштво регионални и меѓународни иницијативи, асоцијации и проекти во речиси сите области од безбедносната сфера. “ рече Спасовски.