Денеска во Државното средно училиште „Владо Тасевски“ во организација на Секретаријатот на транспортната заедница на Европската комисија, во соработка со Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, во чест на 9 Мај – Денот на Европа, се промовираше кампањата „Подобрување на безбедноста на патните премини на железничката пруга“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање потенцираше Министерството за внатрешни работи, но и државата, во изминативе неколку години успеа да воспостави широк општествен консензус во однос на сообраќајната безбедност, поаѓајќи од темелниот став деклариран и како политички и како економски приоритет – дека безбедноста во сообраќајот е проблематика од примарен јавен интерес.

„Можам да потенцирам дека ефектите од таквиот сеопфатен пристап веќе даваат позитивни резултати како во делот на подигањето на јавната свест, едукацијата, сообраќајната култура, така и преку статистичките показатели во поглед на намалувањето на жртвите и штетите во сообраќајот. Тука, се разбира, не ја исклучувам ни безбедноста во железничкиот сообраќај, кој има и огромно економско значење“, потенцираше министерот Спасовски, осврнувајќи се на интензивираните ангажмани во разните области на сообраќајната безбедност од страна на Министерство за внатрешни работи, но и другите надлежни институции во оваа област.

Спасовски истакна дека во контекст на претстојната кампања „Подобрување на безбедноста на патните премини на железничката пруга“, независно што во изминативе две години државата бележи објективно најмал процент на несреќи – во текот на 2021 имало две жртви, а во 2020 година една жртва во сообраќајна несреќа на железнички премин – МВР и другите надлежни институции се целосно подготвени за посилен заеднички и координиран пристап во насока на целосно анулирање на сообраќајните несреќи на железничките премини.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, исто така, потенцираше дека човековиот живот нема цена, при што едукацијата за подигнување на свеста за безбеден сообраќај е тема на која контиунирано се работи за да се подигне нивото меѓу сите целни групи во сообраќајот.

„Зголемувањето на безбедноста во транспортот претставува комплексен процес кој, пред сѐ, подразбира воспоставување на систем, кој е доволно квалитетен за да овозможи непречен и безбеден транспорт за сите учесници, со единствена цел – максимизирање на целите за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и на пругите и на патиштата“, потенцираше министерот Бочварски.

Бочварски посочи дека кампањата има за цел да ја подигне свеста кај целата јавност, да продолжат заедничките активности, институционални и образовни за да се заштитат децата, возрасните и сите учесници во сообраќајот.

„Учениците се нашите најмлади учесници во сообраќајот и пораката до нив е: ‘Почитувајте ги знаците и поставената сигнализација – така ќе бидете пример за другите учесници во сообраќајот“, рече Бочварски.