Министерот Спасовски на презентацијата на Буџетот на МВР за идната година потенцираше дека од проектите предвидени со капиталните расходи директен бенефит ќе има заедницата. Со тоа ќе се овозможи продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со кој досега се комплетно реконструирани 78 објекти, најголем дел енергетско ефикасни, во насока на енергетски заштеди и зачувување на животната средина.

„Дел од средствата во делот Капитални расходи се наменети за целосна реконструкција на Центарот за обука Идризово, што ќе претставува инвестирање во една образовна институција. Потоа, би ја споменал и целосната реконструкција на Одделот за граѓански работи – Управните служби на МВР, која практично го претставува лицето на МВР, со оглед на фреквенцијата на граѓани кои во неа ги остваруваат граѓанските правата и должности. За илустрација, годинава низ неа поминале над 913.000 граѓани само за издавање на лични, патни документи и возачки дозволи. Притоа, со реализацијата на оваа реконструкција ќе се добие и полесно пристапен концепт за граѓаните, а со тоа и побрза реализација на бараните услуги.И, веќе најавената изградба на нов објект за Полициската станица Аеродром, димензиониран согласно потребите на општината“, ги презентираше Спасовски главните проекти во капиталните расходи на министерството.

„Основна цел на овој развоен буџет е продолжување на востановената заложба за создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција. Полиција која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи на превенцијата од сите криминогени и други противуставни дејствија“, истакна на крај министерот Спасовски.