Следува ребаланс на буџетот за 2022 година, со кој дополнително ќе се скратат уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци, најавуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Оттука образложија дека преку ваквото намалување на непродуктивните трошоци и заштедите ќе се ослободат средства со кои ќе се финансираат нови мерки за граѓаните и компаниите за надминување на последиците од светската економска криза.

„Веќе се реализира пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите. Со намалување на ДДВ на нула отсто за основните прехранбени продукти, намалената акциза за горивата, субвенционирањето на сметки за електрична енергија сериозно се намалуваат трошоците на семејствата на месечно ниво“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Како што се додава, во време на светска економска криза, како одговорна партија, СДСМ продолжува со реализација на мерки и политики што значат вистинска грижа за сите категории граѓани.