Во чест на 100-годишниот јубилеј, Пивара Скопје, заедно со своите вработени, ја одбележа реализацијата на новите инвестиции во најсовремена опрема и технологија, кои овозможуваат натамошна модернизација на компанијата и го поддржуваат нејзиниот долгорочен одржлив развој.

Најновите инвестиции во модернизација на компанијата, вредни 10,7 милиони евра, се во напредна опрема и технологии кои се инсталирани во различни операции и процеси, вклучувајќи и нова линија за производство на безалкохолни пијалаци. На овој начин, Пивара Скопје ги подобрува услугите кон купувачите и ги зголемува производствените капацитети, следејќи ја големата побарувачка за безалкохолни пијалаци и пиво на домашниот, но и на другите пазари во регионот.
„Покрај тоа што ги зајакнуваат нашите производни капацитети, овие проекти ни помагаат за натамошно унапредување на вештините и способностите на нашите луѓе во производството, ја зголемуваат нашата брзина и флексибилност за следење на трендовите на пазарот и ни овозможуваат брзо и ефикасно да ги задоволиме потребите на нашите купувачи и потрошувачи. Истовремено, тие ја зголемуват атрактивноста на нашата компанија за талентирани млади луѓе и ја прават посакувано место за работа и кариерен развој. Со нивната реализација ја продолжуваме традицијата на иновации и инвестиции, кои се заштитен знак на Пивара Скоpје веќе 100 години, и влегуваме во нова, модерна ера на дигитализација и напредни технологии кои ја олеснуваат нашата секојдневна работа и ја зголемуваат нашата севкупна ефикасност и продуктивност“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ.

Новите инвестиции во производството се според највисоките стандарди за квалитет и безбедност на храната, како и за здравје и безбедност при работа, што е многу важно за потрошувачите и вработените во Пивара Скопје. Во исто време, тие се во согласност со долгорочната стратегија на компанијата за одржливост што придонесува за: намалување на емисиите на CO2, енергетска ефикасност, управување со водата и намалување на тежината и рециклирање на материјалите за пакување.

„Ние во Пивара Скопје сме особено горди што со секоја нова инвестиција како што е оваа, се трудиме да дадеме уште поголем придонес кон одржливоста и заштитата на природните ресурси, со што ја покажуваме нашата грижа и одговорност за развојот и просперитетот на земјата и на целата заедница“, потенцираше Сладиќ.

Освен во модернизацијата на производниот процес, веќе се направени значителни подобрувања во дигитализацијата и автоматизацијата на другите клучни операции во компанијата. Ова вклучува иновативна технологија за управување со визуелни и гласовни команди воведена во складирањето на производите, како и технологија за препознавање слики што го поддржува нашиот комерцијален тим на пазарот. За иновативното решение пак, кое овозможува онлајн комуникација, нарачки на производи од страна на купувачите и следење на нивната реализација во реално време – 24/7, Пивара Скопје неодамна доби признание за најдобро имплементиран проект за е-трговија во рамки на целата Coca-Cola HBC Групација.

Дополнително, започнато е воведувањето и на најновата генерација роботизирани технологии со кои ќе се автоматизираат сите повторливи работни операции во компанијата, со што се олеснува работата на вработените, а истовремено се зголемува и вкупна ефикасност и продуктивност.