Поранешниот премиер на Бугарија Бојко Борисов е приведен во специјална акција на бугарската полиција поради злоупотреба на средства од ЕУ.

Приведени се и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, поранешниот шеф на комисијата за буџет Менда Стојанова и поранешната шефица на владината служба за информирање Севдалина Арнаудова.

Никој не е над законот“, напиша бугарскиот премиер Кирил Петков на Фејсбук.

Во тек е голема операција во 120 случаи на Европското обвинителство во Бугарија. Претреси и заплени се вршат на многу адреси.

Моментално во притвор се Бојко Борисов, Владислав Горанов, Менда Стојанова и Севдалина Арнаудова. Акциите продолжуваат, дознава МВР.

Од партијата демантираат: „Не е точно“
Информациите што ги објави МВР за апсењето на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов и другите сопартијци, дефинитивно не соодветствуваат со вистината, изјави за БТА националниот координатор на ГЕРБ, Никола Николов.

Тој објасни дека е претресена куќата на поранешниот премиер во Банката.

Сите се во своите домови, рече Николов.

Борисов бил однесен од неговата куќа во населба Банка и одведен во Националната полициска управа. Според неговиот адвокат Менко Менков, Борисов најверојатно ќе има притвор до 24 часа.