Дали комбинацијата од сообраќајни блокади, терористички закани со дојави за бомби, хакерски напади врз институциите и други напади со дезинформации се дел од хибридната војна на Русија чија цел е да создаде чувство на вознемиреност, страв, револт, хаос, конфузија, меѓуетничка нетрпеливост, недоверба кон властите и дестабилизација на земјата?

И лажните дојави за бомби се тероризам
Властите ги третираат и лажните дојави за бомби во Скопје како тероризам. Пред неколку дена малолетник од Скопје доби кривична пријава за кривично дело „тероризам“ поради испратени дојави за поставени лажни бомби во неколку средни училишта. Лажните дојави за бомби во Скопје се случуваат веќе неколку месеци, па можеме да заклучиме дека главниот град е подолго време мета на терористички закани – хибридни напади со дезинформации.

Во јавноста не е никаква тајна дека Северна Македонија беше цел на хибридни напади и закани и за време на прифаќањето на „францускиот предлог“. Тоа го потврди и министерот за надворешни работи, Бујар Османи уште на 24.06.2022, а и претседателот Пендаровски на крајот на јули нагласи дека „Русите и преку тие, модерно речени хибридни закани, преку политичката пропаганда прават обиди за влијание“.

Хибридни напади против евроатлантските интеграции
И експертите, и претставниците на институциите, укажуваат дека хибридните закани и нападите со дезинформации најчесто се појавуваат кога сме исправени пред сериозни политички одлуки и дека се насочени кон подривање на евроатлантските процеси и интеграции.

Според Светлана Сиљјаноска, имавме и случаи кога дезинформациите се прелеваа од социјалните мрежи и на улиците, предизвикувајќи радикализација и насилство:

„Ние забележуваме дека благодарение на тие дезинформации, имаме и чинови кои што се случуваат во јавноста, во реалноста, тие не остануваат само на социјалните мрежи или во медиумите. Тие се префрлаат на улиците. Летоска имавме поттик за радикализација на протест, кој што резултираше со молотови коктели на полицајците“, истакна Сиљјаноска како претставник на владата во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 на 06.12.2022.

Протестите против „францускиот предлог“ се обиде да ги радикализира партијата Левица, чии пратеници остварија средба со рускиот амбасадор Баздникин, по која отворено ги поддржаа руските пропагандни позиции за „специјалната воена операција во Украина“ како „процес на денацификација“, и ги осудија „русофобските изјави“ на властите, како и санкциите против Русија.

За време на летото, јавноста беше изложена на бројни дезинформации, медиумски манипулации и говор на омраза насочен против прифаќањето на преговарачката рамка со ЕУ и почетокот на пристапните преговори (видете „Францускиот предлог“: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи)).

Хибридните напади – проширени и надградени со дојави за бомби
Хибридните напади со дезинформации во Скопје продолжија и есента. Премиерот Ковачевски на 9.11.2022 укажа дека заканите за бомби во средните училишта во Скопје се дел од хибридна војна, која има цел да внесе вознемиреност во државата: „Се води таканаречена хибридна војна каде што преку најразлични методи се прави вознемиреност во државата“, нагласи Ковачевски, укажувајќи и дека неколку наши институции во претходниот период биле под хакерски напади, за справување со кои била добиена поддршка од нашите НАТО партнери.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по дојавите за бомби во неколку државни институции, на 7.12.2022 изјави дека целта на ваквите хибридни напади била „да се воспостави немир кај граѓаните, да има несигурност, да се влијае на институциите, да се трошат безбедносните служби во државата“.

Досега, дојавите за бомби се покажаа како лажни дојави, и истите можат да се третираат како напади со дезинформации. Експертите веќе подолго време укажуваат дека дезинформациите се закана по државната безбедност: „Не само за Северна Македонија, туку кај сите држави гледаме дејствија на една хибридна војна. Дезинформациите се многу ефикасно средство во оваа војна, затоа што не се трошат технички средства, не користите оружје, ниту муниција, ништо. Со многу помалку финансиски средства постигнувате ефект на дестабилизација на, условно речено, вашиот непријател“, истакна Петрит Сарачини, во гостување на ТВ Алсат на 28 септември 2022.

На прашањето како делуваат дезинформациите, Сарачини посочи дека една од целите на хибридните војни е да предизвикаат недоверба во институциите: „Тие најпрво кај населението влеваат недоверба. Недоверба претежно во институциите и системот. Граѓаните добиваат впечаток дека некој ги лаже, и дека тој што ги лаже не е тој што им ја пласира дезинформацијата, туку дека тоа го прави нивната држава“, потенцираше Сарачини.

На потег се институциите кои се мета на хибридни напади
„Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор”, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата: “Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан“, на 30.06.2022.

Како што истакна тогаш Петровска, ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против хибридните закани и безбедносни ризици. Токму затоа, на потег се нападнатите институции. Граѓаните очекуваат борбата против хибридните закани да се води и со стратешки и транспарентни комуникации и проверливи информации за мерките кои ги преземаат државните институции за одбрана од хибридни напади и напади со дезинформации.

Дали комбинацијата од сообраќајни блокади, терористички закани со дојави за бомби, хакерски напади врз институциите и други напади со дезинформации се дел од хибридната војна на Русија чија цел е да создаде чувство на вознемиреност, страв, револт, хаос, конфузија, меѓуетничка нетрпеливост, недоверба кон властите и дестабилизација на земјата?

Јасен одговор на ова прашање треба да дадат институциите кои се мета на хибридни напади, терористички закани, хакерски напади и сообраќајни блокади.

Политичките изјави дека сме мета на хибридни напади од страна на Русија се потребни, но не и доволни. Граѓаните имаат право да знаат какви конкретни мерки преземаат институциите за да се заштитат од напади со дезинформации, хакерски напади, терористички закани, институционални блокади и други хибридни напади.

Целата анализа прочитајте ја на СМК.мк