Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ

„Магарешка клупа“, „Хитлер“, „деспот“, „ситен крадец“, „тиранин“… се само дел од „богатиот“ интелектуален речник на челниците на Град Скопје.

Граѓаните по којзнае кој пат беа сведоци на „евтина театарска претстава“ на седницата на Советот на Град Скопје, одржана на 8 ноември 2022 година, во која главните улоги им припаднаа повторно на скопската градоначалничка Данела Арсовска и на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа „бесплатна тертарска претстава“ на Арсовска и Славевски всушност скипјан(к)и ги чини многу.

Славески повторно, како и на 19 октомври, и го зеде микрофонот од говорницата и го стави под неговата маса, откако службите не му го вратија копчето со кое може да го исклучи микрофонот на градоначалничката Арсовска и советниците доколку не се придржуваат на дневниот ред и Деловникот за работата.

„Поради тоа што не ми е вратено копчето нема да може да се зборува од говорница туку ќе зборувате од место, а градоначалничката наместо да седи во магерешките клупи, може да дојде тука, до мене има микрофон“, рече Славески.

Арсовска потоа си постави подвижен микрофон кој никој не може да и го исклучи. Одеше по салата, стоеше на говорницата и се кареше со Славески нарекувајќи го „Хитлер, ситен лопов, деспот и тиранин“.

Работата отиде дотаму што Арсовска повика полиција и го пријави Славески дека ѝ го украл микрофонот кој стои на говорницата.

Ваквите безмалку детски кавги, навреди и инаетења на „независната“ градоначалничка Арсовска и советниците на ВМРО-ДПМНЕ не им носат ништо добро на граѓаните на Скопје, напротив.

Партиските пресметки не смејат повеќе да бидат приоритет на Град Скопје, оти веќе не се смешни и забавни овие гротесктни стенд ап комедии.

извор Civilmedia.mk