Австрија и Швајцарија беа погодени од силно невреме кое предизвика штети и поплави низ целиот алпски регион, а има и повредени во најтешко погодените области.

Временскиот фронт се префрли од запад кон исток преку Швајцарија и Австрија доцна навечер во неделата. Неколку дрвја паднаа на автопатот Тауерн во Салцбург, јави австриската телевизија ОРФ.

Чистењето на патиштата беше отежнато поради густиот сообраќај за време на долгиот празничен викенд. Проблемите се влошија со затворањето на два тунела поради прекин на струја. Силниот ветер однесе покриви на некои куќи, а подрумите беа поплавени поради обилните врнежи.

Околу 30.000 домаќинства во делови на Горна Австрија беа привремено без струја. Три лица се повредени во швајцарскиот кантон Вале. Две лица биле погодени од шатор носен од ветрот, соопшти полицијата.

Во Швајцарија, некои објекти беа оштетени од налетите на ветровите кои достигнаа и до 132 километри на час, заедно со град и обилни врнежи од дожд.