Маж заврши во болница со главоболки откако на натпревар во јадење лути пиперчиња во Њујорк изел една „каролина рипер“, која се смета за најлуто пиперче на светот.

Триесет и четиригодишниот маж имал болки во вратот и главата неколку дена откако го изел пиперчето. Лекарите во прв момент не сфатиле што е причината за тоа, затоа што тој не покажувал ниту еден симптом кој би укажувал на мозочен удар, ниту, пак, снимањата утврдиле крвавење во мозокот.

Лутите пиперчиња содржат високо ниво на капсаицин, хемикалија одговорна за зачинетост во одредени продукти. Таа може да предизвика стеснување на крвни садови во некои делови од телото.

Она што се случува на организмот кога ќе изедете вакво пиперче е значително стеснување на левата внатрешна каротидна артерија и на четири други крвни сада кои го снабдуваат мозокот. На пациентот потоа му бил дијагностициран реверзибилен синдром на церебрална вазоконстрикција (РЦВС), што, најверојатно е предизвикано од лутото пиперче.

Болката се смирува по неколку дена или недели. Ова најчесто се поврзува со одредени лекарства или дроги, како кокаин и амфетамин, но никогаш досега со лути пиперки.

„Сериозни случаи дури можат да бидат животно загрозувачки, но смртноста е мала, околу два отсто“- вели неврологот Ен Дукрос.