Лидерите на ЕУ денеска во Версај потпишаа Декларација со која се потврдува договорот за што поскоро ставање крај на зависноста од увоз на руски гас, нафта и јаглен.

Ова преку намалување на зависноста од фосилни горива, диверзификација на залихите, вклучително и употреба на течен природен гас и развој на пазари на биогас и водород за Европа.

Во „Версајската декларација“ се повикува на забрзување на развојот на обновливите извори на енергија, подобрување на меѓусебното поврзување на европските мрежи за гас и електрична енергија, зајакнување на планирањето за снабдување во итни случаи, како и подобрување на енергетската ефикасност.

Земјите-членки на ЕУ ветија дека ќе продолжат да работат на обезбедување доволно нивоа на складиран гас и воспоставување координирани операции за полнење, оптимизирање на функционирањето на пазарот на електрична енергија, директни инвестиции во енергетски системи и подобрување на енергетското поврзување со непосредните соседи.

Лидерите на ЕУ ја повикаа Европската комисија да претстави план до крајот на март за да обезбеди сигурност во снабдувањето и достапни цени на енергијата во текот на следната зимска сезона.