Маалските средби вечерва продолжија во Карпош каде што Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев и новиот кандидат за градоначалник Душко Весковски се сретнаа со жителите на оваа скопска општина.

Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека Карпош е една од најразвиените скопски општини.

– Реконструиравме дел од булеварите 8-ми септември и Партизанска и целосно ги реконструиравме улиците Лондонска, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Никола Парапунов и Ацо Шопов. Започнавме со изградба на мост на Љубљанска кој ќе ја поврзе оваа улица со ул. Скупи, изградба на клучката кај Момин поток, а деновиве го распишуваме тендерот за изведба на клучката кај бул. Словенија , посочи Шилегов.

Во овој дел од градот ги реконструиравме средните училишта Георги Димитров, Никола Карев, Орце Николов, Лазар Танев и Здравко Цветковски, а обезбедивме и прочистувачи за воздух за секоја училница, додава Шилегов.

Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Карпош подигнати се над 43.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 2,300 садници. Општина Карпош е побогата за два нови урбани скверови со повеќе зеленило и содржини за одмор и релаксација, еден кај објектот на Пожарната во Тафталиџе, а другиот во близина на гимназијата Орце Николов.

– И на овие локални избори СДСМ ќе излезе со чесна понуда која што ќе го содржи најдоброто за Карпош. Затоа како и досега и на овие избори СДСМ е убедлив фаворит далеку пред останатите политички конкуренти. Само со СДСМ е сигурен локалниот и регионалниот развој, само со СДСМ е сигурен напредокот, посочи Шилегов.

СДСМ заедно со граѓаните преку овие маалски средби создава понуда, најдобра за секоја општина, за секој град.