Градоначалникот Петре Шилегов денеска на прес- конференција заедно со вицепремиерите во владата Артан Груби и Фатмир Бетиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу најавија решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето во оваа скопска општина.

– Денеска заедно со градоначалникот Ганиу и со господин Беџет Пацоли ви соопштуваме една многу голема и многу убава вест не само за Општина Чаир, туку и за цело Скопје. Долго време во рамките на Град Скопје и Општина Чаир работевме на решавање на проблемот со паркирањето во оваа скопска општина, проблем кој подолго време ги мачеше нашите сограѓани од Чаир. Конечно на задоволство на сите нас дојдовме до решение кое подразбира еден систематски пристап во решавање на овој предизвик. Во Општина Чаир се наоѓаат најстарите населби во нашето Скопје кои во инфраструктурна смисла се уште имаат задржано елементи од стариот османлиски урбанизам кога не постоеле ниту автомобилите, ниту проблемот со нивното паркирање – рече Шилегов.

Тој додаде дека, за жал, години наназад нивните претходници градоначалници не успеале да најдат системско решение на овој проблем, но дека ниту тој, ниту Висар се луѓе кои ги фрлаат проблемите под тепих, туку напротив, ги решаваат колку и да изгледа тоа невозможно.

– Стратешкото партнерство што Општина Чаир го воспостави со инвеститорот подразбира решение кое на оптимален начин ќе постигне и повеќе простор за паркирање на возилата, но и повеќе простор за непречено одвивање на пешачкиот, велосипедскиот и автомобилскиот сообраќај во оваа општина. Тоа значи дека сообраќајниот метеж, гужвите и застојот во сообраќајот во оваа општина за неколку години од сега ќе бидат минато. Како единици на локалната самоуправа остануваме посветени на решавање на најгорливите проблеми со кои се соочуваат нашите сограѓани. Во таа смисла постигнувањето на одржлива урбана мобилност на територијата на целиот град, на секоја скопска општина е императив од кој немаме намера да се откажеме – нагласи Шилегов.

Тој истакна дека Скопје е град за сите и на сите и секој негов жител има еднакво право да живее во квалитетна животна средина во населбата каде што го изградил својот дом.